Мајкл Овен вчера прикажа одлична игра и го постигна својот прв хет трик по 4 години, со кој на Јунајтед му го обезбеди првото место во групата и нов рекорд од 15 мечеви на гости без пораз, иако на Јунајтед му недостигаа 15 првотимци.
Но она што е значајно е фактот што Овен со овој хет трик му испрати порака на Фабио Капело да го вклучи во англискиот состав за СП наредната година. Во последниве две години, Овен има само еден настап за репрезентацијата.
Скромниот Овен, кој наредниот понеделник ќе наполни 30 години, изјави: „Можеби мојот хет трик ќе биде главен натпис во весниците, но ова беше одлична тимска изведба. Играв подлабоко, затоа што ни фалеа премногу првотимци и моравме да и помагаме на одбраната. Среќен сум што завршивме на првото место во групата и вториот меч од осминафиналниот двобој ќе го одиграме дома.“
За синоќешниот натпревар, со изјави ги почести новинарите и Сер Алекс Фергусон. „Најпрвин, најважното од се` е Манчестер Јунајтед. Второ, како што докажа многу пати, кога се работи за позиционирање и финиширање, Овен е еден од најдобрите напаѓачи денес. Дали можеме да го очекуваме во стартниот состав? Апсолутно, тој има големо влијание на теренот. Тој е фантастичен, секогаш е во шеснаесетникот и ја растрчува противничката одбрана. Јас сум премногу задоволен од неговите изведби.“
Што се однесува до повредените играчи, за саботниот меч на Јунајтед, ќе се вратат Видиќ, Руни и Бербатов.
0 коментари:
Објави коментар